Роби Колтрејн, најпознат по улогата на Хагрид во филмовите за Хари Потер, почина минатата недела на 72-годишна возраст. Причината за смртта е откажување на повеќе органи, се вели во британските извештаи.
Во потврдата за смртта пишувало и дека имал сепса, инфекција на долниот респираторен тракт и срцев удар. Исто така, му бил дијагностициран дијабетес тип 2.
Неговата смрт потресе многумина
Веста за смртта на Роби ги шокираше луѓето ширум светот. Од него се простија многу обожаватели на филмовите за Хари Потер, колеги и пријатели.
„Роби беше еден од најзабавните луѓе што сум ги сретнал и секогаш нѐ смееше како деца на снимањето“, изјави Даниел Редклиф, кој го играше Хари Потер.
Се огласи и Руперт Гринт, кој го играше Рон во франшизата.
„Срцето ми се скрши кога слушнав дека Роби го нема. Никогаш нема да го заборавам неговиот мирис на пура и лепак за брада – прекрасна комбинација“, напиша тој.
„Како што беше Хагрид во книгите и филмовите, Роби беше во животот – топол, сочувствителен и смешен. Човек со огромно срце кој сè уште се грижи за нас дури и децении подоцна. Се гледаме од другата страна, Бобсер“, додаде тој.
Се прослави со улогата на Хагрид
За потсетување, неговата агентка Белинда Рајт потврди дека актерот починал во болница во близина на Фалкирк, Шкотска. Таа го опиша Колтрејн како „уникатен талент“ додавајќи дека неговата улога како Хагрид им донела радост на децата и возрасните ширум светот.
Улогата на Роби како чувар на клучевите и имотот во Хогвортс го направи популарен ширум светот и му донесе заработка од милиони. Многу обожаватели на Хари Потер беа шокирани кога актерот минатата година се појави во инвалидска количка на телевизиски специјален јубилеј по повод 20-годишнината.