Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, по повод новата заедничка инвестиција YFA Аутомотив помеѓу двете компании Јангфенг и АРЦ Аутомотив во ТИРЗ Скопје 1, истакна дека со паметен и флексибилен пристап Северна Македонија докажува дека може и знае да биде достоен партнер за глобални играчи и светски компании.
„Првичните разговори за скромна инвестиција денес се сериозен инвестициски проект од 30 милиони евра. Со тоа покажавме дека и мала држава како Северна Македонија може и знае да биде достоен партнер за глобални играчи и компании како Јангфенг и АРЦ Аутомотив. И тоа не со пари и скапи кампањи туку со паметен и флексибилен пристап. Особено ме радува тоа што по разговорите кои ги имавме утрово со менаџментот е дека овој инвестициски проект ќе биде само вовед во нови заеднички проекти кои треба да донесат нови инвестиции и добро платени работни места. Оваа компанија ќе донесе 100 вработувања со плати над државниот просек. Она што охрабрува е дека АРЦ само годинава ги зголеми платите за 20% и ќе ги охрабрам да продолжат да го прават тоа”, изјави директорот на ТИР-зоните Деспотовски.