Фон дер Лајен со твит на македонски јазик за Договорот со Фронтекс

од Nikola Popovski
306 прегледи

После синоќешното потпишување на Договорот со Фронтекс, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен објави твит на македонски јазик на својот официјален Твитер профил.

-Договорот со Фронтекс што го потпишуваме денес е важен. Не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграција. Туку поради тоа што е преведен на македонски јазик. На исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ, гласи твитот на Фон дер Лајен, под кој има лавина од позитивни и негативни коментари.

Со договорот ФРОНТЕКС, заеднички е оценето дека е направен нов чекор напред во европското единство, во коешто активно придонесува Република Северна Македонија и од позицијата на земја преговарач со Европската Унија, а којашто, како што е безрезервно изразено, е очекувана и добредојдена во скоро време во Унијата, како полноправна членка.

Претседателката на ЕК денеска ќе престојува во Приштина, во рамки на нејзината турнеја по Западен Балкан.

За време на посетата на Западен Балкан, Фон дер Лајен на соговорниците ќе им пренесе порака за важноста на овој регион за Европската унија, како и порака за солидарност на Унијата со регионот во ситуацијата со војната во Украина и енергетската криза.

За време на нејзината претходна посета на Западен Балкан, пред една година, претседателката секој пат ја пренесуваше пораката дека перспективата на Западен Балкан е во ЕУ и волјата на Комисијата да ги продолжи преговорите за членство.

Слични содржини