Македонија забрзано оди кон економски колапс. Светска Банка прогнозира најнизок раст на македонската економија во споредба со земјите од Европа. Единствено полоши прогнози имаат Украина и Русија. Македонската економија е во сериозна опасност да западне во рецесија и со тоа да се загрозат илјадници работни места, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека „граѓаните во Македонија со власта на Ковачевски се соочуваат со највисока стапка на инфлација во споредба со сите земји од регионот“.
-Стапката на инфлација достигна 18,7%, а основните трошоци за живот се поскапени од 50 до 100%. Ваквата стапка е двојно повисока од европскиот просек, што покажува дека инфлацијата не е во целост увезена, туку е предизвикана од неспособноста на оваа власт.
За година и пол затворени се преку 12 илјади компании, а уште илјадници други се пред ставање клуч на врата, бидејќи плаќаат наскапа струја во споредба со регионот, поради што нивната конкурентност е доведена во прашање, порачаа меѓу другото од „Белата палата“.