Ковачевски: Паднаа маските на оние кои ги попречуваа преговорите со ЕУ

од Берта Китинска
97 прегледи

„Паднаа лагите на сите кои со молотови коктели и со викање протестираа пред Собранието и пред Владата. Паднаа лагите на сите кои со вувузели внатре во Собранието го попречуваа носењето на заклучоци за отпочнување на преговорите со ЕУ. Токму во тие заклучоци имаше обврска за Владата при потпишување на Договорот Фронтекс македонскиот јазик да биде без додавки“ изјави премиерот Димитар Ковачевски во вестите на Канал 5.

Тој додаде дека вчера токм тоа се случи, а најдобра потврда беше и обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на македонски јазик на социјалните мрежи.

„Фон дер Лајен изрази голема благодарност до македонските граѓани и пратеници кои ја донесоа одлуката за почеток на преговорите. Јасно кажа дека земјава ги започна преговорите“ кажа Ковачевски.

Премиерот додаде дека и тој го дели ставот на претседателката на ЕК дека одговорноста за уставните измени е на пратениците во Собранието и дека со гласањето за истите тие ќе обезбедат македонските граѓани да станат граѓани на држава членка на ЕУ и да живеат во ЕУ, а дома.