Михајловиќ: Нетранспарентноста на Јавните претпријатија е извор на корупција и неправилности во работењето

од Destan Jonuzi
361 прегледи

Транспарентноста и отчетноста на општините се едни од главните предуслови за воспоставување на демократските процеси во една заедница и нејзина одржливост. Досегашните искуства покажуваат дека транспарентноста е слаба страна на локалната самоуправа, особоено кај руралните општини.

Катица Михајловиќ од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), граѓанска организација, која работи на промоција на демократијата, доброто владеење и следење на општествените процеси вели дека обврската за транспарентност и отчетност на општините произлегува од законската рамка, но и од потребите на граѓаните за информации за различни области од работењето на општините.

Катица Михајловиќ

Катица Михајловиќ

– Транспарентноста и отчетноста е еден од главните принципи на доброто управување на општините. Обврската за транспарентност и отчетност на општините произлегува од законската рамка, но и од потребите на граѓаните за информации за различни области од работењето на општините. Дигитализацијата и технологијата, во голема мерка ја забрзаа транспарентноста на општините и достапноста на информациите од нивното работење. Од друга страна пак, им олесни на граѓаните да бидат поактивни чинители и да го следат работењето на властите. Општините треба да објавуваат широк спектар на информации од нивна надлежност, вклучувајќи квартални и годишни финансиски извештаи, како и информации за работата на градоначалникот и на советот, на администрацијата, услугите кои се обезбедуваат, изјави Михајловиќ за „Локално“.

Важно е, додава таа, редовно да се објавуваат и информации за тековните проекти на општината, не во смисла на промоција на градоначалниците (означување почеток на работата, сечење лента) туку со конкретни финансиски податоци, колку чини проектот, од каде се обезбедени средства и сл.

– Објавувањето на информации за локалните даноци е исто така, важна алатка за транспарентноста на општините. Достапноста на информации за прибирањето и трошењето на локалните даноци, информации за даночните служби сѐ уште е на многу ниско ниво, посебно кај помалите и рурални општини. На крајот, особено е важно општините да објавуваат подетални информации за јавните претпријатија и установи, вклучувајќи го описот на дејноста, услугите кои се нудат, цените на услугите, нивните финансиски извештаи. Се чини дека овие претпријатија се оставени подалеку од интересот на јавноста, а услугите кои овие претпријатија ги испорачуваат се тесно поврзани со секојдневните потреби на граѓаните. Нивната нетранспарентност е извор на корупција и неправилности во работењето, вели Катица Михајловиќ од невладината АДИ.

Според податоците на Центарот за економски анализи (ЦЕА), за индексот на буџетска и даночна транспарентност на општините во Северна Македонија за 2021/2022, транспарентноста кај општините во Северна Македонија бележи тренд на постојано подобрување. И во 2021/2022 се бележи општо унапредување, и споредено со претходната година кај повеќе од половина од ЕЛС има подобрување кај ЦЕА индексот на буџетската транспарентност.

И кај интензитетот на даночната транспарентност на ЕЛС за 2021/2022, исто така бележи подобрување, но со значителен простор за значително подобрување во редовноста и целосноста во обелоденување и достапноста на документи поврзани со локалните даноци.

Д.Ј.

Слични содржини