Денеска на судењето за убиството на ракометарот Денис Тот беа повикани Д-р Зора Митиќ, вешто лице психијатар и Д-р Соња Ефтимова, специјалист по психологија кои ја анализираа психолошката состојба на Анџело Ѓоргиевски, еден од обвинетите во процесот.
Психијатарот Зора Митиќ по барање на адвокатите на Ѓорѓиевски, зборуваше за психолошката состојба на обвинетиот.
Таа пред судот посочи дека Анџело бил физички нападнат од оштетениот, поради што се исплашил.
-Во хронологија на делото, Анџело, бил физички нападнат од страна на оштетениот, бил вербално омаловажуван и понижен, што кај Анџело предивикало чувство на страв, кажа Митиќ.
Митиќ посочи дека Анџело имал лузни на десната рака, истата со која му го задава првиот удар на Тот. Според неа, мускулатурата на овој екстремитет му е слаб, што би значело и дека ударот бил слаб.
На судењето сведочеше и Сања Ефтимовска – специјалист по медицинска психологија. Таа го опишуваше Ѓоргиевски како лице кое е пасивно во стресни ситуации.
– Во стресни ситуации и фрустрациони, луѓето различно реагираат, се виде дека Анџело е склон кон пасивизација, пие и лекови, доминираат симптоми од невротски тип состојба во која некој се повлекува некој напаѓа, тој е од тие типови кои пасивизираат, изјави Ефтимова.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Судењето за убиството продолжува на 9 ноември.