Неумесна акција или измислена работа која има за цел да направи паника и недоверба кај населението. Од оваа перспектива гледано на она што се случува во Украина и европско тло, гледаме дека не е за чудење. Директно не сме ангажирани, но од безбедносен аспект, ваквите појави ги цениме и заедно со МВР, ДБК и АНБ споделуваме информации кои ни се на располагање, со цел да ја помогнеме истрагата која се води, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска во однос на лажните дојави за бомби во средните скопски училишта.
Таа појаснува дека сајбер-нападите се дел од стратегијата на непријателот.
-Сајбер-нападите се дел од тоа сценарио дека институциите немаат капацитет за да се справат или не можат да ги предвидат таквиот вид на напади. Прашањето е каде е Република Северна Македонија и дали поседува капацитети, дали обврнува внимание на капацитетите и што се се случува во таа област, укажува Петровска.
Министерката информира дека во земјава постои национална стратегија за сајбер-безбедност.
-Сме вклучени во она што значи развивање на домашните капацитети, но и унапредување и надоградување за справување. Тоа е процес кој нема почеток и крај, туку само надоградба, рече Петровска во емисијата „Топ тема“.