Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информира дека како министерство не знаеле дека ќе дојде до укинување на здружението кое го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, но претпоставувале дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фид-бек во еден негативен натпревар, во кој најоштетени ќе излезат Македонците во Бугарија.
-Сега нека излезат тие политичари што отидоа да ги охрабрат, кои отидоа за да ловат политички поени, нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението. Затоа порачував дека ова беше погрешен пат. Не може здружение на двајца од Канада, 5000 км од овде да ги знаат нашите прилики подобро. Ако има некој да помогне и финансира, има луѓе кои што подобро ја разбираат проблематиката. Но сомнително здружение од Канада, кое има антидржавни ставови, баш во ова време да финансира клуб на Македонците, како одговор на клубот во Охрид, тоа не е наша политика. Знаевме дека е саботирање на интересите на заедницата и дека на крај ќе заврши на штета на тие граѓани, рече Османи како одговор на новинарско прашање на прес-конференција.
Граѓанското здружение што го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Бугарија замина во ликвидација. Одлуката е правосилна од првата половина на месецов, а основата е случај отворен од јавното обвинителство во Благоевград со тврдење дека целите на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, регистрирано во 2019 година, се спротивни на бугарските Устав и закони.