Од Алијансата за Албанците (АА) најавуваат дека утре ќе донесат одлука за поканите за лидерски средби од премиерот Димитар Ковачевски и од Движењето Беса. Утре ќе одржи седница Комисијата за организирање на Конгресот, коај ги има ингеренциите на раководството и ќе донесе одлука за поканите за лидерски средби, велат од партијата.
Од владината прес-служба синоќа информираа дека премиерот Димитар Ковачевски ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, што ќе се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Македонија.
„Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус“, стои во соопштението од Владата.
ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати лидерска средба само ако се разговара за актуелните проблеми
ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет дека под овие околности нема уставни измени, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
– Покана се уште немаме добиено, не го знаеме форматот на таа лидерска средба, не ја знаеме содржината и темите на кои што би се разговарало, но мојот совет до Владата и до Ковачевски би било доколку се случи таа лидерска средба, да разговараме за она што е навистина голем проблем за граѓаните, а тоа е тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза… Тоа се оние суштински теми кои според мерењата на јавното мислење и како одговорни политичари треба да разговараме за надминување на тие проблеми. Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече на новинарско прашање Мицкоски по посетат на населено место Мралино, Илинден