Шолц: Време е да се надминат внатрешните конфликти во Западен Балкан

од Vladimir Zorba
184 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Берлин изјави дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската унија и регионот е да ја претворат ветената европска иднина во реалност.

На отворањето на самитот во рамките на Берлинскиот процес, Шолц рече дека денешната средба е можност да се разговара за многу предизвици со кои се соочува Западен Балкан.

Тој изрази уверување дека берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон Европската унија.

Според зборовите на германскиот канцелар, во моментот на бруталната војна на Русија против Украина, време е да се надминат внатрешните конфликти.

Шолц рече дека на денешниот самит на шефови на влади од Западен Балкан и претставници на ЕУ ќе се разговара за три договори кои се исклучително важни за градење и интегрирање на заедничкиот регионален пазар.

Според него, ова е важно за олеснување на контактите во регионот во најширока смисла и за градење интегрирана иднина без внатрешни граници.

Тој додаде дека важно прашање ќе биде енергетската безбедност, за што, како што рече на 24 октомври на состанокот на Берлинскиот процес, разговарале и министрите за енергетика.

Повтори дека на 20 октомври во форматот на Берлинскиот процес министрите за внатрешни работи разговарале за исто така важното прашање за илегалната миграција и шверцот на луѓе.

Велејќи дека денес ветувањата за Западен Балкан се даваат со чувство на итност, Шолц нагласи дека граѓаните од регионот можат да сметаат на Германија и на берлинскиот процес.

На самитот, кој се одржува на покана на Шолц, ќе присуствуваат шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, претставници на земјите од ЕУ кои се членки на Берлинскиот процес. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел како и претставници на меѓународни организации.

Земјава ја претставува премиерот Димитар Ковачевски.

Слични содржини