Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вели дека нето долгот на општината е намален за околу 1 милион евра и сега изнесува околу 13 милиони евра.
-Општината, ја затекнавме со над 14 милиони евра долг. Како резултат на успешното менаџирање на општинските финансии, успеавме да исплатиме над 3 милиони евра од наследениот долг, но во исто време, имајќи го предвид фактот дека продолживме со зголемен интензитет со реализација на инфраструктурни проекти кои имаат вредност од над 2 милиони евра, нето долгот на општината е намален за околу 1 милион евра и денеска изнесува околу 13 милиони евра, рече на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами .
„Наследивме општина оставена во хаос, со куп проблеми, блокирана сметка и 24 милиони евра долг, несметајќи ги овде и казнените камати за долговите кои се на извршител. Само на име казнена камата, во текот на оваа година, извршителите од општината изнудиле близу 1 милион евра. Го објавивме наследениот долг затоа што граѓаните имаат право да знаат каде се трошат нивните пари“, рече Касами.
Тој додаде дека намалувањето на долгот е резултат на упорноста и максимална посветеност.
„Последиците од недомаќинското раководење на поранешната локална власт со општина Тетово спречија да реализираме повеќе проекти кои ги планиравме. Тука се и тековните притисоци и опструкции од централната власт, која не ни одговори позитивно на ниту еден повик за помош. Но, и покрај се, нашата упорност и работа дава резултати. Денеска имаме општина со вратен дел од долгот и многу нови проекти“,рече Касами.