Повторно се одложи почетокот на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница. Судијата Јордан Велковски го одложи судењето за 7 декември откако адвокатот на еден од обвинетите Бобан Вучески не бил присутен.
Причина за одлагањето беше и тоа што другите адвокати побараа освен увид да имаат и препис од доказните материјали.
Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.
Основното јавно обвинителство Тетово во јули годинава до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице во врска со пожарот во Модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 лица.
Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик – стои во соопшението од Обвинителството.
Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.
Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата.