Постудено време во Украина, се воведуваат нови редукции на струја

од Stefanija Kuzmanovska
140 прегледи

Државната украинска електроенергетска компанија „Укренерго“ објави дека воведува нови рестрикции на електрична енергија поради студеното време.

„Поради студеното време, неопходни се нови редукции на потрошувачката на електричната енергија. Имено, поради постуденото време се зголемува потрошувачката на електрична енергија, што доведува до зголемено оптоварување на опремата и недостаток на електрична енергија во системот“, објави „Укренерго“ во соопштението за медиумите.

„Трошете ја струјата умерено“

Редукциите на електричната енергија, кои зачестија по насилните руски ракетни напади врз украинската енергетска инфраструктура, беа најавени за регионите Киев, Чернихив, Житомир, Суми, Харков и Полтава и главниот град Киев.

„Поправките продолжуваат деноноќно. Ве молиме, не заборавајте да ја трошите електричната енергија умерено. Тоа ќе ни овозможи редукциите да бидат поретки, но исто така ќе им овозможи на нашите инженери да се фокусираат на поправка на оштетените објекти, од кои зависи снабдувањето со електрична енергија на цели региони“, објави „Укренерго“.