ВМРО-ДПМНЕ се згрозени од Арсовска: Не сакаме да бидеме дел од циркузот

од Nikola Popovski
176 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со соопштение после бурната седница на Советот на град Скопје. Од партијата велат дека згрозени од однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска и посочуваат дека „наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер“.

-Советничката група на ВМРО ДПМНЕ го поддржува правото Славески да го спроведува деловникот дословно. На Македонската јавност и е преку глава од циркузот кој го организира власта, па згора на се сега треба да го гледа и циркузот во режија на Арсовска. Да посветуваше толку внимание на работа и проекти, немаше Скопје да биде руиниран град. ВМРО-ДПМНЕ не сака и нема да биде дел од циркузот на Арсовска, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Хитлер“, „деспот“ и „тиранин“ му рече Арсовска на претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славески. Претходно тој го зеде микрофонот од говорницата и го стави под неговата маса откако службите не му го вратија копчето за вклучување и исклучување на микрофонот на говорницата.

По ова Арсовска стана и се доближи во говорницата во градското Собрание.

-Вашиот капацитет е еднаков на нула, каков што е вашиот интегритет. Имаме право на кој начин ќе се изјасниме. Вие сте тука деспот и тиранин, се изживувате. Јас имам право да одговарам на прашањата. Немате право да одземате збор на градоначалникот. Не се ова опструкции. Единствено недолично однесување во оваа сала го имате вие. Немате грам интегритет. Жално е што си ја завршивте кариерата како деспот. Директно штетите на градот со вашето однесување, рече градоначалничката од свој микрофон додека се движеше низ салата на Градското собрание.

Слични содржини