„Нема покана за влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата“. Ова го изјави претседателот на АА, Арбен Таравари во вечерашното гостување во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24.
Според него, влегувањето на АА во Владата е меч со две острици.
– Тоа е меч со две острици бидејќи можеме да и помогнеме на земјата да го забрза европскиот пат, да се бори против клиентелизмот и корупцијата одвнатре. Од друга страна, оваа влада тера мандат 4-5 години и ако имаме предвремени парламентарни избори ќе треба заедно да ја платиме сметката, изјави Таравари.
Зборувајќи за лидерската средба, тој рече дека го отворил и прашањето за 20 проценти.
– Ова го отворив како дискусија на лидерската средба, и лидерот на ДУИ Ахмети зборуваше дека ако се отвори устав треба да го решиме и ова прашање, а во меѓувреме ниту Ковачевски ниту Мицкоски не кажаа ништо. Не беа против се додека не кажаа ништо, јас така разбрав, рече Таравари.
Тој додаде дека поранешниот премиер Зоран Заве, како и Ковачевски и Мицкоски јавно се изјасниле дека немаат ништо против ова прашање. Според Таравари, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.
– Она што ќе се случи во Украина, верувам дека ќе ја принуди ЕУ да не чека до 2030 година за проширување со Македонија и Албанија. Но, нашата судбина е позната, дека за да ги почнеме преговорите, треба да го отвориме уставот за внесување на Бугарите во преамбулата на Уставот, немаме друг пат. Мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, рече Таравари.