Претседателот на ДПК: „Курти мора сериозно да се однесува кон ЗСО“

од Vladimir Zorba
143 прегледи

Претседателот на Демократската партија на Косово, Мемљи Красниќи изјави дека владата на Албин Курти нема да го исполни четиригодишниот мандат и дека ДПК е подготвена да преземе одговорност за водење на Косово, пренесува Репортерс.

Красниќи рече дека по прогласувањето на независноста на Косово, ниту една влада не го завршила мандатот и дека избори може да има само доколку премиерот поднесе оставка.

– Во Косово, за жал, особено по независноста, ниту една влада никогаш не го завршила својот мандат. Не верувам дека и оваа влада ќе си го заврши мандатот. Но, излегувањето на избори сега може да се случи само ако премиерот поднесе оставка. Се надевам дека премиерот кој ја доби довербата од толку граѓани не е човек што се откажува. Доколку се предаде, подготвени сме да ја преземеме одговорноста да ја водиме државата – вели Красниќи.

Зборувајќи за формирањето на Заедницата на српските општини, Красниќи истакна дека никој не бара од Косово да создаде Република Српска.

Според неговите зборови, барање на меѓународната заедница е формирање на ЗСО согласно пресудата на Уставниот суд без загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет.

– Здружението ќе биде дел од разговорот за француско-германскиот план. Никој не бара од Косово да создаде нова Република Српска. Премиерот Курти треба сериозно да се однесува кон оваа концентрација на интереси и меѓународна помош, да се вклучи во дискусијата за планот и да ги презентира ставовите на Косово, вклучително и на здружението (ЗСО). Но, во секој случај, согласно уставот и пресудата на Уставниот суд и без да се загрози унитарниот карактер на нашата држава, суверенитетот и територијалниот интегритет – рече Красниќи.

Претседателот на ДПК посочи дека француско-германскиот план за дијалог меѓу Косово и Србија објавен пред неколку дена не може да биде вистинит.

Красниќи вели дека не му е јасно зошто овој план во овој момент бил објавен во јавноста, но наведува дека континуирано имало шпекулации и тактики од таков карактер.

Но, тој апелира максимално да се искористи меѓународното внимание.

Според него, премиерот Курти и претседателката Вјоса Османи треба сериозно да ја сфатат оваа ситуација и да изразат барање да се разговара за да се постигне конечен договор со взаемно признавање.

– Што се однесува до француско-германскиот план, тој што е објавен не може да биде вистинскиот план. Не ја разбирам причината зошто е објавен ваков план, но шпекулации од ваков карактер, такви тактики отсекогаш постоеле дури и при објавувањето на таканаречените нон-пејпери. Француско-германскиот план ја вклучува пред се меѓународната координација што ја гледаме во врска со Косово долги години. Затоа, во време кога вниманието на светската дипломатија е насочено кон Украина и глобалните настани, оваа координација со САД и ЕУ во однос на Косово и интересот за подигање на дијалогот меѓу Косово и Србија на ново ниво треба да се сфати многу сериозно, затоа што не се случува често да го имаме ова внимание и меѓународен интерес – изјави Красниќи.

Слични содржини