Спасовски – Цикотиќ: Потврдена одличната соработка меѓу македонската и босанската полиција

од Destan Jonuzi
103 прегледи

Денеска во Министерството за внатрешни работи, беше остварена билатерална средба помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот колега, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, како и со претставници на Министертвото за безбедност на БиХ, а во рамки на Министерската конференција којашто се оддржува на 15 и 16 ноември во Скопје во соорганизација на МВР и Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

На почетокот од средбата министерот Спасовски се заблагодари на колегата Цикотиќ за прифатената покана да биде гост во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и за присуство на Министерската Конференција, при што и двете страни заеднички го изразија своето задоволство од соработката во областа на внатрешните работи меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, за која беше истакнато дека е континуирана, успешна и со несмален и силен интензитет во последните години.

„Интерес на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативна соработка со Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, особено на полето на организираниот криминал, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во Регионалните иницијативи”, рече министерот Спасовски, при што ја потенцираше меѓусебната меѓународната оперативна соработка која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и истата е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија.

Во насока на справувањето со илегалната миграција, министерот Спасовски потсети дека на 26 октомври оваа година се потпиша Договорот со FRONTEX, иако Република Северна Македонија беше една од првите земји во регионот која го парафира Договорот со ФРОНТЕКС, за што министерот Цикотиќ упати срдечни честитки до министерот Спасовски. Воедно, министерот Спасовски информираше за миграциските текови, како и за состојбата на јужната граница. Во однос на бројките со илегалната миграција, министерот Спасовски го нагласи трендот на зголемување за 29,2% на обидите за илегални преминувања во Северна Македонија изминатите девет месеци од 2022 година.

На крајот од своето обраќање, министерот Спасовски изрази надеж за продолжување на соработката и во иднина со можност истата да се прошири и на многу други полиња, што беше споделено и од неговиот колега Цикотиќ.

„Ќе се согласите со мене дека реализирањето на важни активности во областа на меѓународната соработка во борбата против криминалитетот е од голема важност за зачувувањето на безбедноста на двете земји, како и за безбедноста на нашите граѓани, со оглед на тоа дека меѓународната полициска соработка зазема сè позначајна улога во сферата на меѓународната соработка за спречувањето на криминалот, и тоа како класичните, така и современите облици на криминал”, подвлече министерот Спасовски.