Падот на ракетата од руско производство во која загинаа две лица во село во источна Полска во близина на границата со Украина, е сериозен тест за решителноста на членките на НАТО. Според првите индиции, инцидентот нема да послужи како повод за директен воен конфликт меѓу НАТО и Москва, тврди „Скај њуз“.
Полскиот претседател рече дека неговата земја не може со сигурност да каже кој го истрелал проектилот, но потврди дека станува збор за еднократен инцидент и дека нема постојана закана за неговата земја.
НАТО не сака сеопфатна војна со Русија, но сојузниците веројатно ќе се обидат на некој начин да одговорат на инцидентот од вторникот.
Земјите-членки во среда наутро ќе одржат итни разговори во седиштето на НАТО во Брисел, а Полска ќе побара консултации според член 4 од Договорот за НАТО.
Членот 4 на НАТО може да го активира членка која смета дека нејзиниот територијален интегритет, независност и безбедност се загрозени од друга земја или терористичка организација.
Степенот на реакцијата ќе зависи од тоа што се случило и зошто, и каква порака сакаат 30-те земји-членки да му испратат на рускиот претседател Владимир Путин.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, НАТО се обидува да избегне директна конфронтација со Русија.
Сепак, членките на НАТО беа подготвени за можноста Русија во одреден момент да се обиде да ја тестира нивната решителност со намерно таргетирање на територијата на НАТО или случајно да ѝ наштети на земја-членка.
НАТО има развиено воени сценарија и потенцијални одговори.
Кога ќе биде јасно што се случило, ќе се бара консензус од членките, но реакцијата на НАТО ќе биде многу брза.
Доколку се докаже дека Русија намерно лансирала ракети кон Полска, тоа ќе се толкува како преминување на црвената линија, пишува „Скај њуз“.
Сојузниците јасно ставија до знаење дека ќе возвратат ако некој дел од територијата на НАТО биде нападнат.
Тоа дури може да значи и повикување на член 5 од Договорот за основање на Алијансата, кој вели дека нападот врз една членка е напад врз сите членки.
Способноста на НАТО да се брани себеси и своите интереси се заснова на заканата од вооружен одговор на секој вооружен напад.
Доколку се докаже руската одговорност, НАТО ќе мора да ги убеди Русите дека таквата акција нема да се толерира и никогаш не смее да се повтори, за да се избегне поширок конфликт меѓу двата противника кои поседуваат нуклеарно оружје.
Доколку се покаже дека Русите не се одговорни за инцидентот, туку дека се работи за грешка на украинските системи за противвоздушна одбрана, НАТО најверојатно ќе се фокусира на дополнително зајакнување на сопствената одбрана.