Бугарски аналитичари за „Локално“: Мицкоски сака да ги казни Бугарите во Македонија со јавен линч со барањето на реципроцитет

од Nikola Popovski
433 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара да се затворат бугарските културни клубови во земјава како мерка на реципроцитет. „Затворањето на клубовите бугарски во Македонија не е причина зошто некој бил соработник или не бил соработник со ваков или со таков. Туку е политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој македонски културен клуб, каде што културно ќе се организираат, ако Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат своите права кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, јас не гледам уште една причина зошто овие 1.500 граѓани на Македонија кои што се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин јазик да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во обид да дознаеме каква е реакцијата на бугарската јавност на ваквите барања, „Локално“ контактираше дел од бугарските аналитичари. Историчарот и член на Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките, д-р Спас Ташев изјави за нашата редакција дека мислењето на Мицкоски е негово лично.

 

-Бугарија не заштити ниту еден македонски клуб, бидејќи не најде ниту еден. Клубот во Благоевград е приватна иницијатива на граѓани. Инаку, македонски клуб има во Бугарија, во градот Гоце Делчев, на регистрираната организација „Антички Македонци“. Тие ја користат ѕвездата Вергина на прозорецот на нивната канцеларија, информира Ташев.

Тој додава дека нивни претставници биле на средбата со претседателот Пендаровски.

-Според Договорот од Преспа, Северна Македонија нема право на да го користи симболот од Вергина. Што се однесува за барањето на Мицковски за реципрочно затворање на клубовите, сметам дека тоа е нонсенс. Човековите права не се засноваат на реципроцитет. Тие се нарушени или не. Кога ќе бидат нарушени, започнува европскиот мониторинг и интервенција за нивна усогласеност, додава Ташев.

Историчарот смета дека дејствијата преземени во Северна Македонија се практично насочени против нашето членство во ЕУ.

-На овој начин се служат не-македонски, туку странски интереси кои не сакаат Скопје да ги почне преговорите за членство во ЕУ, порачува Ташев.

Бугарскиот аналитичар и адвокат по професија, Паскал Гонов во изјава за „Локално“ оценува дека од правен аспект тоа што го предлага Мицкоски не е реципроцитет.

Паскал Гонов

-Реципроцитет е етика на взаемност или идентитет во пристапот. Така, ако во Бугарија причината за затворање на клуб е затоа што организацијата што го отворила е нелегитимна, тогаш со примена на принципот на реципроцитет, клубовите на нелегитимните организации треба да се затворат и во Република Северна Македонија, вели Гонов.

Според аналитичарот, тоа што Мицкоски го нарекува „реципроцитет е лошо покритие за неговата идеја да ги казни Бугарите во Република Северна Македонија со јавен линч“.

-Оттука, патот до повикот за самоуништување на Бугарите на скопските улици, под ритмите на српската самба, не е многу далеку, истакнува Гонов.

Соговорникот заклучува дека „Мицкоски е крајно ретрограден политичар“.

-Остварувањето на колективната одговорност на Бугарите во Република Северна Македонија е политика од почетокот на 20 век, чиј истакнат инструмент беше адвокатот Велимир Прелиќ, кој трагично загина, потенцира бугарскиот аналитичар.

Н.П.

Слични содржини