Ѕвездата на кантри музиката Доли Партон ја прими наградата на Безос за храброст и човечност во вредност од 100 милиони долари, која милијардерот Џеф Безос, основачот на Amazon, ја доделува на активисти, филантропи и хуманитарци кои „храбро бараат решенија“ за актуелните светски проблеми.
Безос, кој исто така е сопственик на вселенската компанија Blue Origin, ја најави наградата во петокот заедно со неговата долгогодишна партнерка, водителката на вести Лорен Санчез, која на Инстаграм напиша дека Партон е „жена која дава со срце и се води од љубов и сочувство во секој аспект на својата работа“.
„Едвај чекаме да го видиме сето добро што ќе го направат со оваа награда од 100 милиони долари“, рече таа.
Во видео клипот од церемонијата објавен на интернет, Партон рече: „Уф! Рековте 100 милиони долари?“.
„Мислам дека луѓето кои можат да помогнат треба да ги стават своите пари таму каде што им е срцето. Ќе дадам се од себе за да направам добри работи со тие пари“, рече таа.