Напаѓачот кој рано утринава отвори оган во геј клуб во градот Колорадо Спрингс во САД и уби пет и рани 18 лица, е идентификуван како 22-годишниот Андерсон Ли Олдрич, се наведува во заедничкото соопштение на окружниот обвинител и полицијата.
Осомничениот напаѓач од геј клубот „Кју“ е ранет и се наоѓа во притвор, а мотивот за нападот се уште не е познат, јавува Си-Ен-Ен.
Најмалку пет лица загинаа, а 18 се ранети рано утринава кога вооружен маж отвори оган во геј клуб во Колорадо Спрингс, САД, соопшти полицијата.
Бајден го осуди пукањето во геј клубот
Американскиот претседател Џозеф Бајден го осуди смртоносното пукање во геј клубот „Кју“ во Колорадо Спрингс и рече дека тој и првата дама Џил Бајден се молат за семејствата на жртвите.
„Иако мотивот за овој напад сè уште не е јасен, знаеме дека LGBTQI+ заедницата е изложена на ужасно насилство од омраза во последниве години. Насилството со огнено оружје продолжува да има разорно и посебно влијание врз LGBTQI+ заедниците ширум нашата земја и заканите за насилство се зголемуваат“, навел Бајден во писмената изјава, пренесе Си-Ен-Ен.