Загадувањето на воздухот ја лади климата повеќе отколку што мислевме, но тоа не е добра вест

од Vladimir Zorba
136 прегледи

Поради загадениот воздух годишно умираат околу 7 милиони луѓе. Голем дел од оваа нечистотија се состои од ситни честички кои при вдишување можат да предизвикаат развој на разни болести. Но, тие имаат друга способност – создаваат облаци.

Имено, влагата во атмосферата може да се кондензира само во капки со аеросоли. Ситните честички кои се создаваат поради согорувањето на фосилните горива ги прават овие капки побројни, а облаците подолготрајни и им овозможуваат подобро да ја рефлектираат сончевата светлина.

Сето ова ја зголемува количината на сончева светлина што облаците ја расфрлаат назад во вселената наместо да бидат апсорбирани од Земјата. Ова е делумно причината зошто Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) заклучи дека аеросолите предизвикани од човекот ја ладат климата и се чини дека го ублажуваат загревањето предизвикано од стакленички гасови.

Не, тоа не е добра вест

Можеби ова звучи како добра вест, но нема причина за славење. Аеросолите (и нивниот ефект на ладење) се многу краткотрајни. Додека CO2 емитиран денес од автомобилите или индустријата за јаглен ќе остане во атмосферата со векови, влијанието на загадувачките аеросоли честички ќе трае само еден месец.

Тоа значи дека штом престанеме да емитуваме аеросоли, нивното ублажувачко дејство врз климатските промени исчезнува, додека стакленички гасови во нашата атмосфера ќе продолжат да ја загреваат планетата. Во новата студија наречена „Invisible ship tracks show large cloud sensitivity to aerosol“, експертите од Универзитетот во Оксфорд покажаа дека загадувањето на воздухот може да има поголем ефект врз рефлексијата на облаците, отколку што се мислеше.

Научниците користеле податоци за емисиите од бродовите за да квантифицираат какво влијание имаат аеросолите врз климата. Емисиите од бродовите често го загадуваат релативно чистиот воздух далеку од копното, што го олеснува анализирањето на ефектите на аеросолите во изолација.

Некои од аеросолите што ги ослободуваат бродовите се појавуваат на сателитските снимки како долги, бели ленти наречени „бродски траги“, но помалку од 5 проценти од ова загадување е всушност видливо. Користејќи модел за временска прогноза, тие утврдија каде ветерот ќе ги носи овие емисии. Потоа со помош на сателитски податоци го мереле бројот на капки и количината на вода во загадените и незагадените облаци.

Елиминирање на основната причина

Тие открија дека поради емисиите од бродовите, дури и кога тие не се видливи на сателитски снимки, облаците во близина рефлектираат повеќе сончева светлина. Затоа, загадувањето на воздухот може да го зголеми ефектот на рефлексија во облаците, што резултира со посилен ефект на ладење, пишува „The Conversation“.

Истата група научници неодамна направи уште едно истражување поврзано со загадувањето на воздухот. Тие користеа компјутерски алгоритми за да пронајдат видливи „бродски траги“ на сателитски снимки пред и откако Меѓународната поморска организација воведе регулативи за намалување на загадувањето на воздухот во 2020 година.

Тие откриле дека намалувањето на загадувањето од бродовите за 25 проценти, исто така, го намалува бројот на видно посветли (а со тоа и порефлектирачки) облаци во „бродските патеки“. Ова илустрира како намалувањето на загадувањето на воздухот може ненамерно да ја загрее климата.

Но, тоа не значи дека треба да продолжиме со загадувањето на воздухот. И двата проблема може да се решат со елиминирање на заедничката причина: фосилните горива. На пример, во сообраќајот, тоа значи намалување на бројот на автомобили со фосилни горива, а не само користење на подобри филтри на издувните цевки. Слични аргументи може да се применат и за индустријата, производството на електрична енергија и греењето.

Слични содржини