Чавушоглу: До решение во Украина можно е да се дојде преку дипломатија

од Stefanija Kuzmanovska
162 прегледи

Турција смета дека е реално решението на ситуацијата во Украина да се постигне преку преговори, доколку ѝ се даде шанса на дипломатијата, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Решение со преговори е можно доколку ѝ се даде шанса на дипломатијата. Се разбира, тоа мора да биде праведен мир за Украина“, рече Чавушоглу на Министерскиот совет на ОБСЕ, пренесува ТАСС.

Како што рече, Турција „ќе продолжи активно да ја поддржува ОБСЕ бидејќи не постои друга платформа која би била инклузивна“.

Во полскиот град Лоѓ денеска почна дводневниот 29-ти состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Полското министерство за надворешни работи не дозволи влез во земјата на руската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Руското министерство за надворешни работи оваа одлука ја оцени како невидена и провокативна.

Слични содржини