Градоначалникот на општина Градско, Киро Нацков вчера ја разрешил директорката на Основното училиште „Даме Груев“ во општината каде што малолетен ученик подолго време бил малтретиран од своите соученици.
-Во рамки на моите надлежности веднаш соопштувам дека во рамките на училиштето ја разрешувам директорката на ООУ Даме Груев. Веднаш потоа сакам да апелирам до МВР, Центар за социјални работи, Државен инспекторат за образование и сите надлежни да го испитаат детално случајот и онаму каде треба да се помогне, а онаму каде треба да се сноси одговорност, објави Нацков.
Тој додава дека без разлика што и како и дали се постапило во врска со овој случај, сега треба да се согледаат последиците и зошто е дојдено до ова, односно да излезе целата ситуација од контрола.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера соопшти дека се испитува случајот со булингот врз ученик.
– Секоја злоупотреба или насилство врз децата треба да се пријавува во центрите за социјална работа, во случајот во Центарот за социјална работа во Велес. Се преземаат мерки од страна на стручните работници, ќе се испита случајот и по доставувањето на известувањето од Центарот за социјална работа, ќе бидат преземени соодветни мерки, рече Тренчевска на денешната прес-конференција во Владата.
Таткото на ученикот за дел од медиумите изјави дека неговото дете било жртва на булинг од страна на двајца соученици кои го малтретирале подолг временски период.
Тој прво се обратил до училиштето од каде му рекле дека ќе преземат мерки при што ја споменале и педагошката мерка на преместување на двајцата соученици, кои што го малтретирале моето дете, во подрачното училиште во село Виничани. Потоа, по два дена, таткото бил известен дека децата кои го вознемирувале неговиот син ќе ги преместат само во соседната училница.
Од полицијата информирале дека е известен Јавниот обвинител и Центарот за социјални работи Велес, кој е надлежен за постапување за случаите поврзани со малолетници.