„Бидејќи годинава конечно после 17 години, ги отпочнавме преговорите за членство во ЕУ, во 2023 година ќе обезбедиме буџет кој ќе овозможи да продолжат реформите и трансформацијата на општеството и ќе ни ја подобри позицијата за преговори и отворањето на кластерите“ рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција на која што го презентираше Буџетот за 2023 година.
Тој додаде дека европската интеграција на државата е од исклучително значење и дека целата идеја дека конечно ЕУ ни е на дофат ни дава нова рамка за тоа како сите процеси ќе помогнат во што поскоро постигнување на европските стандарди.
„Мислам дека е исклучително важно за овој буџет е начинот на кој планираме да обезбедиме транспарентност и отчетност, а тоа е фокусот на резултатите од имплементацијата на буџетот. Само со ваков фокус, односно со поставени индикатори преку кој ќе ја мериме ефективноста и ефикасноста на буџетот, воедно ќе овозможиме и ефективни, ефикасни, транспарентни и отчетни институции и одржлив економски развој“ рече Ковачевски.
Премиерот истакна дека буџетот е развоен, претставува основа за стабилизација на економијата и поставување на темели за раст, како и тоа дека обезбедува пари за дополнителен раст на платите и пензиите следната година.