ЗЕЛС: Општините во оваа енергетска криза се доведуваат до работ на егзистенцијата

од Vladimir Zorba
163 прегледи

Управниот одбор на ЗЕЛС денеска ја одржа 11 седница на која дискутираше за предизвиците од енергетската криза, каде посебно внимание беше посветено на дописот што EVN group го испрати до општините, а е поврзан со Одлуката на Владата на РСМ за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија. Во дописот од EVN group беше посочено дека потрошувачите кои до 1, јануари 2022 година не биле мали потрошувачи, а потоа со реализирана промена на корисник се стекнале со статус на мали потрошувачи, потребно е најдоцна до 1 јануари 2023 година да почнат да се снабдуваат со снабдувач со електрична енергија на либерален пазар. На седницата беа повикани и високи претставници од EVN group.

Членовите на Управниот одбор посочија дека општините во оваа енергетска криза се доведуваат до работ на егзистенцијата и дека средствата наместо за проекти и подобрување на услугите за граѓаните треба да ги трошат за плаќање на огромни суми за електрична енергија. Исто така беше посочено дека општините и доколку би сакале да ја реализираат оваа мерка би се соочиле со обемни тендерски постапки и претходно спроведување на ребаланс на буџетoт е што и во идеални услови за реализација би биле потребни најмалку три до четири месеци.

По обемната дискусија Управниот одбор донесе заклучок сите општини кои добија ваков допис од EVN group треба да поднесат приговор до оваа институција.

ЗЕЛС во името на сите општини, на 11 ноември 2022 година достави иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на мерки во услови на постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, што Владата на РСМ ја донесе на 30 октомври, 2022 година. Истовремено, ЗЕЛС достави и барање до Управниот суд, за донесување на времена мерка, со која ќе се бара одложување на извршувањето на Одлуката. Но досега не е стигнат никаков одговор од овие институции.

Се работи за проблемот поврзан со јавното (улично) осветлување кое како обврска го имаат општините, а за што прибираат средства од комуналната такса за јавно осветлување. Со последните измени на тарифникот за електрична енергија донесен од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги не постои тарифа за јавно осветлување. Во Законот за комунални такси, во членот 20, за тарифен број 10 јасно е утврдено кој е износот што секое домаќинство или приватна компанија треба да го плаќа на име на јавно осветлување. Бидејќи нема тарифа, за тоа ЕВН во моментов наплаќа по непостоечка цена, а општините се обврзани да плаќаат многукратно поголеми сметки бидејќи не постои тарифен број за улично осветлување. Ова прашање ЗЕЛС го покрена пред Министерството за финансии, но и после 4 месеци од првичната средба одговор од нив немаме. Во исчекување сме и понатаму на одговор и од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, се вели во соопштението.

Слични содржини