Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен денеска предложи да се додадат речиси 200 поединци и субјекти на листата на санкции на ЕУ против Москва, вклучувајќи ги и руските вооружени сили и три руски банки.
Таа рече дека осумте пакети санкции што ЕУ ги усвои досега веќе и штетат на Русија.
„Но, денес го зголемуваме притисокот“ како одговор на војната во Украина, рече фон дер Лејен.
Деветтиот пакет санкции допрва треба да биде едногласно усвоен од 27-те земји-членки на ЕУ.
Новите санкции се во прилог на целосното ембарго за увоз на руска нафта транспортирана по морски пат, кое стапи на сила оваа недела, и ограничувањето на светските цени на нафтата договорено со Г7 и Австралија.
Фон дер Лејен рече дека се предлага да се додадат членови на руските вооружени сили, како и компании од руската воена индустрија, на списокот на санкции од ЕУ. Се додаваат и членовите на Думата и Советот на Федерацијата, министри, гувернери и политички партии.
Таа рече дека станува збор за лица кои играат клучна улога во „руските ракетни напади“ против цивили, во киднапирање на украински деца и нивно носење во Русија или во кражба на украински земјоделски производи.
На оние кои се на списокот им е замрзнат имотот и им е забранет влез на територијата на ЕУ.
На црната листа што ЕУ почна да ја креира во 2014 година по руската анексија на Крим, сега веќе има 1.241 поединец и 118 ентитети.
Брисел, исто така, предложи да се санкционираат уште три руски банки, со цел дополнително да се парализира финансиската машина на рускиот претседател Владимир Путин.
Исто така, беше предложено да се воведат нови контроли и нови ограничувања на извозот на стоки со двојна употреба, цивилна и воена, што би можела да ги користи руската војска. Станува збор за неколку хемиски супстанци, невротоксични агенси, електронски делови.
Европската комисија, исто така, планира да и забрани на Русија пристап до сите видови воздушни беспилотни летала.
„Предлагаме забрана за директен извоз на беспилотни летала во Русија како извоз во која било трета земја, како што е Иран, која би можела да испорачува дронови на Русија“, рече фон дер Лејен.
Таа, исто така, предложи суспензија на уште четири руски медиуми, за кои верува дека учествуваат во пропагандата на Кремљ, како и дополнителни економски мерки против рускиот енергетски и рударски сектор, вклучително и забрана за нови инвестиции во рударскиот сектор.