Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на саркастичен начин го искоментираше потегот на телевизијата Н1 и Нова С кои решија да го прекинат емитувањето на 24 часа за да покажат како би изгледала медиумската слика во Србија без слободни медиуми.
„Дали денес работите или повторно се самоизгасивте?“, ја праша премиерката на Србија новинарката од Н1 која ѝ постави прашање на прес-конференција по церемонијата по повод почетокот на директните летови меѓу Белград и Тијанџин, Кина.
Брнабиќ оцени дека двете телевизии во сопственост на „Јунајтед Медиа“ – Н1 и Нова С започнале кампања за слободата на медиумите на денот кој бил многу важен за Србија, кога се одржа самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана.
„Сакам да ви се заблагодарам за таа кампања. Кампањата што ја започнавте на денот кога се одржа самитот Западен Балкан – ЕУ во Тирана, исклучително важен настан за Србија и политичката стабилност, не знам која беше намерата – да се оттргне вниманието од неа или да ѝ се отежни дополнително на Србија, покажа, вие покажавте и овој друг медиум што учествуваше во таа кампања и кој го има истиот сопственик, дека во Србија има слобода на медиумите и ви благодарам за тоа“, рече таа.
Таа додаде дека тие две телевизии „се самоизгасиле“ за да покажат дека нема слободни медиуми.
„Што значи, кога решивте повторно да работите, дека во Србија има слобода на медиумите“, констатираше Брнабиќ.