Американскиот производител на електрични автомобили Rivian во четвртокот отвори технолошки центар во Белград, каде ќе бидат вработени 200 инженери.
Васим Бенсаид, потпретседател за развој на софтвер на Rivian, им се заблагодари за поддршката што ја добија кога пристигнаа во Србија и истакна дека софтверот е суштината на искуството што компанијата им го нуди на клиентите.
– Тоа одредува како се движат возилата и како тие комуницираат со светот. За да го постигне сето тоа, на Rivian му се потребни најдобрите инженери во светот, а ние многу намерно го избравме Белград. Имате активна технолошка сцена и среќен сум што можеме да им посакаме добредојде на новите колеги, изјави Бенсаид, пренесе „Бета“.
Компанијата Rivian е основана во 2009 година и се занимава со дизајн и производство на електрични возила. Првите модели на возила се R1T, пик-ап со два реда седишта за пет патници, кој беше прогласен за најдобро возило во својата категорија, како и R1S, SUV со три реда седишта за седум патници.
На отворањето на технолошкиот центар присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.