Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во неговиот анкетен лист поднесен до Антикорупциската комисија уште пред да стане претседател на Владата било пријавено дека неговата сопруга има инвестирано во изградба на фотоволтаична централа.
-Согласно законот за трговски друштва и законската регулатива, секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства. Тоа е пријавено во сите надлежни институции и во Антикорупциската комисија со сите потребни податоци и детали и сите тие податоци се јавно достапни, рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека тоа е нејзина инвестиција којашто ја има направено со свои сопствени средства.
-Без моја помош, зошто би имала моја помош да инвестира средства, кажа Ковачевски прашан дали таа тоа го направила без негова помош.