Во воената доктрина, терминот „хибридни закани“ подразбира широк спектар на мерки, алатки и техники, во кои се вклучени дезинформации, сајбер напади, манипулација со меѓународното право, шпионажа, саботажа, политичка субверзија, економски притисок. Хибридните напади користат манипулации, со цел да извршат одредено влијание. Целта на хибридните напади е да влијаат врз јавноста или процесите, кои се значајни за донесувањето на клучни одлуки. Во таа насока, главниот фокус на хибридните напади можат да бидат лидери, јавни личности, медиуми, религиозни групи или граѓански организации.
Важно прашање е каква е улогата на медиумите во хибридните напади и сајбер-војната, која не ја одмина и Македонија. Професорот и комуниколог Сеад Џигал во разговор за „Локално“ вели дека нивната улога е пред сѐ дисперзивна, односно да пренесат информации или дезинформации до што поголем број на корисници и да го зголемат ефектот на дестабилизација на општеството и институциите на системот.
-Второ, нивната улога е да го затскријат вистинскиот креатор на дезинформациите и поларизирачките содржини, и трето да го прелеат овој ефект и на другите платформи, особено на онлајн форумите за дискусии и на социјалните мрежи, истакнува Џигал.
Нивното препознавање, смета комуникологот, не е лесно воочливо, иако дел од нив тоа најчесто го маскираат со одредени уредувачки политики, екплсоатација на проширени наративи или борба против власта, одредена партија, предавници, странски платеници, други етнички или верски заедници.
-Во меѓународните политички и истражувачки кругови сѐ почесто се употребуваат термините нова студена војна, глобална хибридна војна, информациско-хибридна војна, и така натаму. Очигледно е дека по 2008 година светот влезе во една нова историска фаза и останува да видиме пост фестум како таа е биде наречана во една историска смисла. Од сегашна гледна точка јасно е дека сме сведоци на сериозно глобално премрежување на односите помеѓу Западот, Русија и Кина, истакнува соговорникот.
Според него, одредени регионални фактори, како што се Иран, Индија, Северна Кореја и други исто така се важни чинители во овој процес.
-Повеќе од извесно е дека во ваков контекст голем дел од овие змеји имаат вмешаност во различните видови на конфликти кои ги следиме денес, потенцира Џигал.
На прашањето дали државите спонзорираат „вакви“ играчи во медиумите, како на пример Западот што ги прогласи „Русија денес“ и „Спутник“, професорот е дециден дека двата споменати медиуми имаат важна улога во тој да го наречеме глобален информациски конфликт.
-Тие жестоко ги бранат, според нив, интересите на Русија, и имаат амбиции да го прошират и засилат своето влијание. Она што е интересно да се каже за нив е што тие ценат дека имаат право да го прават тоа за да го поттиснат влијанието на западните медиуми. Сведоци сме дека во ерата кога има сѐ повеќе медиуми, во исто време има сѐ помалку новинарство. Овие медиумски субјекти се само инструменти во спомнатата инфомациска војна и треба да се биде внимателен да не се мешаат со новинарство или медиуми во класична смисла. Тие се еден вид на комуникациски огранок на државниот систем на кој се потпираат, информира Џигал.
Додава дека најголем дел од медиумите кои ја поттикнуваат или учествуваат во оваа хибридна (сајбер) војна ја вршат преку поврзани мобилизирани групи и поединци на социјалните мрежи.
-Дел од локалните медиуми често од локални политички интереси ги амплифицираат овие содржини и се обидуваат да ги искористат. Сериозен е и импактот на дезинформациите кои се пренесуваат од соседните земји, најчесто некритички и еднострано, посочува професорот.
Околу тоа како социјалните медиуми придонесуваат за овие напади, Џигал вели тие од една страна се извор на дезинформации и учествуваат во креирање на ефект на т.н. „гласно малцинство“ каде одредена организирана група со масовна и автоматска пропаганда се обидува да наметне доминација на одредени дестабилизирачки наративи, а од друга страна ги пренесуваат и засилуваат пропагандните содржини од останатите медиуми и им даваат поголем одглас во јавноста, објаснува комуникологот.
Новинарот Зоран Иванов за „Локално“ објаснува дека медиумите се факторот што провокаторите, заканувачите, всушност како ова со актуелното со вознемирувањата лажните бомби, нивните „автори“, во медиумите практично гледаат трансмитери за своите активности.
-На медиумите, како на таканаречените традиционални како што се радијата, телевизиите, весниците, така и поновите и се повлијателни интернет медиуми какви што се порталите, практично тие се алатката, средството за исполнување на нивните цели. Што пак во едни вакви околности се однесувањето до медиумите, до редакциите, воопшто до новинарството, на медиумите не им е лесно бидејќи нивната основна улога е да информираат, да соопштуваат вести и да пласираат и други прес информации. Но од друга страна огромна е и нивната одговорност при емитувањето, при пласирањето на информациите до кои тие дошле. Редакциите се должни пред да објават информации од чувствителен карактер, истите претходно да ги проверат. Да го проверат и да го дефинираат нивниот извор, нивниот автор. За жал некои медиуми се токму и ставени во функција да дезинформираат, да шират лаги и паники, коментира Иванов.
Според него, лесно е да се препознаат ваквите медиуми.
-Во ова информатичко време лесно е да се провери автентичноста, точноста и веродостојноста на одделни прес информации. Медиумите кај кои и ние како нивни консументи забележуваме зачестено објавување информации без притоа тие да го наведат изворот, институцијата, поединецот, практично автор на информацијата или барем од кој друг медиум ја пренесуваат конкретниот пред продукт, информацијата, тоа е првиот сигнал дека тие медиуми се во некаква „специјална мисија“. Затоа посебно е важна медиумската писменост. Таа мора да е дел од редовното образование. Медиумски писмени граѓани се отпорни на лажни вести и не се лесно подложни на разни видови пропаганди како од ЕПП економски манипулации, така од партиско политички нереалности, така и од манипулации чија намена е да предизвикуваат разни кризи во државата или и на меѓународно ниво,истакнува соговорникот.
Иванов се согласува дека државите спонзорираат такви медиуми кои што имаат клучна улога во хибридната војна.
-Посебно во недемократските држави и најпосебно во тоталирарните режими каде што се диктира само една вистина, вистина пласирана од еден извор а преку повеже медиуми од секаков формат. Од печатени преку електронски до дигитални. Копи пејст е нивната „уредувачка политика“, а неа ја диктира еден единствен наменски државен информативен штаб каде што се креираат исклучиво пропагандистички прес информации за потребите на нивните бројни и во таа улога и наменски платени медиуми. Секако, често тоа се прави вешто да не можат инфо лагите да се препознаат „од прва“ за да можат да ја остварат целта тие бргу да се шират меѓу населението. Во едни такви околности нивната вистина е по правило побрза од вистината откако че се откријат нивните лаги што е и основна намера и цел на пропагандистите, рече новинарот.
За тоа дали има сознанија за медиуми кои ја поттикнуваат или учествуваат во оваа хибридна (сајбер) војна во Македонија, Иванов вели дека не познава такви кои се во директна функција и на услуга на некој центар на пропагандна војна, но смета дека некои од нашите медиуми, од типот од телевизија до портал, дека едноставно кажано се произвоидители и на свои но и „распрскувачи“ на туѓи лажни вести, кои повеќе или помалку свесно се впуштаат дури и во антидржавна, антиинтеграциска, кампања.
-Во оваа пригода не би именувал конкретно никого од редакциите во земјава само за да не отворам дополнителни полемики, но до колку бидам повикан кај нив вака како што ме поканивте вие сега во вашиот медиум, тоа на моите колеги би им го кажал јавно в очи и со конкретни примери од нивната богата лепеза од лажни вести меѓу нив поприлично ем лажни, ем и вознемирувачки, ни рече новинарот, додавајќи дека „нема слободно информирање, туку само одговорно информирање“.
Н.П.