Денеска се одложи закажаното рочиште за предметот „Титаник 2“ во кој е обвинет поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Причината за тоа е бидејќи Мијалков не бил спроведен од затворот во Струга, каде ја издржува затворската казна за „Империја“ по склучената спогодба.
Според информациите, скопските судии добиле известување од затворот во Струга дека нема наредба за спровод.
-На ден 22.12.2022 година, беше закажано рочиште по предметот: – “Титаник 2” кое рочиште беше одложено поради отсуство на обвинет бидејќи не е спроведен од затворот во Струга, соопштија од коалиција „Сите за правично судење“.
Случајот „Титаник 2“, каде што меѓу обвинетите покрај Мијалков, се и лидерот на ДПА Мендух Тачи и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија, беше вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд, откако Апелација ги укина првостепените пресуди.
Со првостепената пресуда, Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.
Најголема затворска казна доби поранешниот член на ДИК, предлог на ДПА, Бедредин Ибраими – 4 години и 6 месеци, додека членовите на ова тело од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, добија по три години затвор.
Според „бомбите“ што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори.
Делото на Мијалков за конкретниот предмет застарува за нешто повеќе од четири месеци.