Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља синоќа одржа вонредна прес-конференција неколку часа по завршувањето на „најголемиот протест досега“ во Рударе на една од десетте барикади што веќе 13 дена се поставени на северот на Косово, јавува „KoSSev“.
Тој вели дека најдобро би било Србите сами да ги отстранат барикадите, но и дека доколку КФОР не преземе мерки ќе дејствуваат косовските институции кои засега „чекаат“, пренесуваат медиумите.
Тој потврди дека е испратено барање до меѓународните претставници за трансфер на Пантиќ, но рече и дека барањето за негово ослободување е неприфатливо. Тој оценува и дека Милан Радоичиќ „порано или подоцна ќе падне во рацете на косовската полиција“.
– Заради поголема стабилност чекаме да го направат тоа оние кои ги поставија барикадите или КФОР, но и чекањето има свој крај – рече Свечља на конференција во јужниот дел на Митровица, пренесува приштинска Коха.
Тој вели дека доколку КФОР утврди дека е невозможно да се отстранат барикадите, мора да се испрати известување за неможноста на акцијата.
Додаде дека косовската полиција има капацитет да ги отстрани барикадите.
– Во координација сме со меѓународните партнери и очекуваме КФОР прв да реагира. Поминаа 13 дена и состојбата е иста или да кажеме дека е влошена. Чекаме што поскоро да се отстранат барикадите. Ако тоа не се случи, како што реков, имаме капацитет сами да го направиме тоа – рече министерот, пренесува „Газета експрес“.
Тој вели дека тоа треба да се случи што поскоро.
– Косовската полиција ќе продолжи да го применува законот и покрај предизвиците со кои се соочува – оценува министерот.
Тој истакна дека барикадите ја изгубиле својата цел и дека Србија ги користи „за да ги блокира правните дејствија на Косово“.
Фото: Nova.rs