Денешното судење за „Беса транс“ во Основниот Кривичен суд Скопје беше одложено за 2 февруари, поради симптоми на Ковид-19 на обвинетиот сопственик на компанијата, Беким Хаџиу.
Адвокатот на Хаџиу, Асмир Алиспахиќ, достави потврда за направен тест за коронавирус, но кажа дека до овој момент не се добиени резултатите од тестирањето.
Хаџиу обвинет за фалсификување извод од лиценца за вршење меѓународен патен сообраќај и застапникот на правното лице „Беса транс“, Шабан Хоџа, претходно рекоа дека не се чувствуваат виновни.
На 15-ти ноември годинава започна судењето за „Беса Транс“ поврзано со автобуската несреќа во Бугарија во која при пожар на автобус загинаа 45 патници.
Според обвинителниот акт, обвинетиот 41-годишник, Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Процесот го води судијата Ивица Стефановски, застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. Следното рочиште е насрочено за 2 февруари.
Автобусот на „Беса Транс“ удри во заштитната ограда на автопатот „Струма“ кај село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември минатата година. Вториот удар бил во спротивната заштитна ограда, каде автобусот се заглавил и се запалил. Животот го загубија 45 патници и возачите. Седуммина од патниците ја преживеаја несреќата.