Обвинет и затворен убиецот на Курдите во Париз, признал дека има „патолошка омраза кон странците“

од Nikola Popovski
186 прегледи

Шеесет и деветгодишен француски пензионер, осомничен за убиство на тројца Курди и дека ранил уште тројца во центарот на Париз, кој признал дека има „патолошка омраза кон странците“, денеска е обвинет и одреден му е притвор, соопштил судски извор.

Осомничениот, пензиониран машиновозач, се товари за убиство и обид за убиство поради раса, етничка припадност, нација или религија, како и за нелегално поседување и поседување оружје, рекол изворот.

Освен тројца Курди, една жена и двајца мажи, осомничениот ранил и тројца мажи, од кои еден потешко. Пет од шесте жртви имаат турско државјанство, а една француско.

Нападот во петокот ја шокираше курдската заедница, која го осуди како „терористички“ чин и ја обвини Турција. Како реакција на тоа, францускиот амбасадор во Турција денеска беше поканет на состанок со цел Анкара да го изрази својот протест поради, како што смета, антитурската пропаганда во Франција по убиството на тројца Курди.

Парискиот обвинител Лор Бекио рече дека расизмот како мотив се чини дека е потврден и дека осомничениот опишан како „депресивен“ и „самоубиствен“ им кажал на истражителите дека отсекогаш имал „желба да убива мигранти, странци“ откако бил ограбен во 2016 година.

Во нападот имал намера да ја употреби целата муниција и потоа да се самоубие со последниот куршум, но неколку лица го запреле во фризерски салон пред полицијата да го уапси.

Првите елементи на истрагата не утврдија никаква поврзаност со екстремистичката идеологија.

Осомничениот веќе бил осуден во 2017 година за носење забрането оружје. Во декември 2021 година, тој бил обвинет за оружено насилство со предумисла и расистичка природа.

Со ладно оружје рани мигранти во кварт во Париз на 8 декември 2021 година. По една година притвор, тој бил ослободен на 12 декември.

Фактот што првично беше отфрлен како терористички напад предизвика гнев и недоразбирање кај јавноста, а имаше и судири со полицијата на бројни демонстрации во чест на жртвите.

Слични содржини