Македонското собрание ја заврши својата работа но Законот за дополнителен данок на добивка не беше донесен.Тоа значи дека е веќе извесно дека последниве два дена од годинава нема да биде донесен ниту Законот за ДДВ ниту Законот на добивка кои беа дел од тнр.„даночна реформа“ која според најавите треба да стартува од 1 јануари.
„Со оглед на најавата дека Законот за дополнителниот данок на добивка би се однесувал на 2022 година и дека годината ќе заврши без негово донесување, се поставува прашањето за неговата уставноста, во контекст на ретроактивноста во примената“, вели за „Локално“, даночниот експерт Павле Гацов.
Овој Закон треба да има еднократна употреба т.е да се употреби само за дополнително оданочување на дефинирана категорија даночни обврзници но неговото донесување е проблематизирано од страна на опозицијата која најави негово блокирање а отворена резерва искажа и бизнис заедницата . Според презентираните проценки со овој дополнителен данок би се оданочувале од неколку илјади компании до само 180 компании но според Гацов бројката би била само троцифрена и нема да се однесува на сите компании кои во континуитет покажуваат високи профити.

Павле Гацов
„Со нацрт текстот на Законот не се опфатени успешните компании и финансиски институции, кои во континуитет искажуваат високи профити пред и за време на траењето на повеќеслојната криза, притоа истите делеа дивиденди и исплатуваа бонуси на менаџерите и работниците. Причината е во избраната методологија на законот според која заради високата споредбена основа (високи профити во таргетираните 4 години) овие успешни деловни субјекти нема да покажат раст на добивката од 20% за 2022 година во однос на таргетираниот просек од претходните 4 години, кој секако и тогаш бил висок“, дециден е Гацов.
Според предложеното решение Законот би се применувал за дополнително оданочување на добивката само за 2022 година и нема да се плаќа за 2023 и натаму, ќе се пресметува паралелно и независно од обврската за редовен данок на добивка, плаќањето би се вршело со поднесување на посебен Даночен биланс за оданочување со дополнителен данок на добивка – ДБ-ДДД. Главен услов за оданочување со дополнителен данок на добивка е правното лице за 2022 година да остварило приход над 615 милиони МКД (10 милион евра) и не ја вклучува обврската по основ на данок на додадена вредност, а од вкупните приходи се исклучуваат приходите од стечајната постапка остварена од продажба на имот за намирување на доверителите. Обврзници на овој данок не можат да станат правни лица кои започнале со вршење дејност во текот на 2022 г. И оние кои престанале со вршење дејност без да се изврши статусна промена.
Во насока на попластично разбирање на тоа кој и колку ќе плаќа, според примерот кој го посочува Гацов, доколку компанијата имала даночна основа по намалување за 2022 година. во износ од 20.000.000 денари а просекот од 2018-2021 г. бил 5.925.000 дена и истиот се зголеми за 20 %, освен редовниот данок на добивка за 2022 г. компанијата ќе плати и дополнителен данок на добивка во износ од 3.867.000 денари.
Стопанската комора на Македонија изрази резерва во однос на вонредниот данок со кој според бизнисмените ќе се оданочуваат сите компании без разлика дали нивната добивка се должи на пазарните услови или се должи на раст на добивката како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување нови пазари…Од таму истакнаа дека со овој концепт во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години а остварувале помала добивка во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 која од инвестици, ефикасност во работата и продиктивност. Доколку се донесе на смаиот крај на годината рекоа од таму, претставува репутациски ризик за државата и ќе создаде несигурност кај инвеститорите.
К.В.С.