Еден необичен проблем ги мачи САД оваа празнична сезона – а тоа е недостигот на Дедо Мразовци, пренесува Гласот на Америка.
Њујорк блеска со новогодишни светилки и украси. Веселите и сложено декорирани излози привлекуваат големи групи клиенти. Се е како што треба, освен бројните празни црвени столчиња на кои Дедо Мраз обично седи и ги поздравува децата. Соединетите Американски Држави се соочуваат со невиден недостиг од изведувачи на Дедо Мраз.
– Дефицитот што го гледаме е последица на побарувачката. Без разлика дали станува збор за посети дома или работа во трговски центар, побарувачката е за 20 отсто поголема од минатата година и повеќе од 120 отсто повисока од нивото пред пандемијата. За секој Дедо Мраз кој ќе дојде кај нас барајќи работа, имаме 20 клиенти кои бараат Дедо Мраз – објаснува Мич Ален од организацијата „Изнајми Дедо Мраз“.
Ален вели дека покрај зголемената побарувачка, пандемијата со Ковид-19 оставила реални последици за „понудата“ на Дедо Мраз.
„Во текот на 2020 и 2021 година, ковидот особено тешко ја погоди заедницата на Дедо Мраз. Затоа во изминатите неколку години изгубивме неколку стотици забавувачи кои го играат Дедо Мраз – околу 10 проценти од нив – или поради Ковид или затоа што решија да го закачат својот црвен костум“.
Сепак, некои среќни групи успеаја да го ангажираат Дедо Мраз оваа сезона, вклучително и една населба во Мидлтаун, Њу Џерси.
– Имавме среќа да најдеме некој кој е подготвен да дојде и да ги израдува нашите деца. Знаеме дека е тешко да се најде Дедо Мраз овие денови и многу сме благодарни, беше прекрасно – вели Гери Талп, кој организирал забава за децата во неговото соседство.
А малите гости имаат свои причини зошто сакаат да разговараат со Дедо Мраз, пишува Гласот на Америка.
– Има многу подароци кои родителите нема да ви ги купат бидејќи можеби се прескапи, но секогаш можете да сметате на Дедо Мраз дека ќе ги донесе, вели Емили од Њу Џерси.
И Дедо Мраз е многу подготвен да помогне, освен што е премногу уморен оваа година.
-Денеска добив 20 барања кои морав да ги одбијам бидејќи веќе имам закажани посети. Во изминатите два месеци одбив 580 – проверив утрово – 580 повици, и навистина е тажно – вели Џејмс Кели, забавувачот кој го глуми Дедо Мраз.
За да одговорат на недостигот, организации како што е „Worldwide Santa Network“ ги засилиле своите програми за обука за да ги инспирираат луѓето да му се придружат на семејството на Дедо Мраз.
– Затоа создадов разни часови и бесплатни е-книги за луѓето да се обидат да играат Дедо Мраз и да видат дали работата им одговара. Мојата мисија е да регрутирам луѓе со отворено срце да помогнат за време на празниците – вели Ед Тејлор од светската мрежа на Дедо Мразовци.
Со ваквите иницијативи останува надежта дека следната година ќе донесе изобилство Дедо Мразовци подготвени да ги развеселат децата за време на празниците.