Во 2023 година нè очекува динамичен и интензивен период во исполнување на задачите и обврските кои ги имаме за испорачување кон ЕУ, спроведување на реформската агенда и што повеќе резултати од истите. Во оваа наредна фаза на скрининг процес треба да се фокусираме и да зборуваме за прашања коишто ни се наметнуваат, а се врзани за внатрешниот пазар, за владеење на правото, за животната средина, за транспорт и земјоделие и за борбата против корупцијата итн., вели вицепремиерот Бојан Маричиќ за „Слободен печат“.
Оваа година, како што вели Маричиќ, очекуваме да ги добиеме и извештаите од скринингот за секој кластер, почнувајќи од кластерот Фундаментални вредности, бидејќи тие извештаи и препораките на Европската комисија ќе бидат основата за планирање на реформите, инвестиции и градењето на капацитетите за да се постигне европеизацијата на македонското општество.
„Ќе започнеме и со подготовка на патоказите и тоа патоказ за владеење на правото кој ќе ги опфаќа реформите во поглавјата „Правосудство и фундаментални права“ и поглавјето „Правда, слобода и безбедност“, и е одредница за отворање на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“. Потоа патоказот за реформа на јавната администрација кој што треба да се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди, и е одредница за отворање на Кластерот фундаментални вредности и на крајот патоказот за функционирање на демократските институции кој ќе треба да содржи мерки за зајакнување на демократското управување на сите нивоа и тоа во однос на работата на Собранието, изборниот процес и зголемување на граѓанското учество во демократските процеси, но нема да биде одредница за отворање на Кластерот“, објаснува вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ очекува со заеднички консензус за прашањето за европската перспектива на земјата, да стигнеме до успешни уставни измени.
„Секое поместување од европскиот пат, а тоа ќе се случи доколку опозицијата не даде поддршка за уставните измени, ќе биде само несигурност, неизвесност, политичка криза и повторно ставање на Северна Македонија во чекалната. Следната блокада може да биде ВМРО-ДПМНЕ“, вели Маричиќ.
Додава дека немаме повеќе блокади од надвор. Напротив имаме поддршка од европските институции и државните држави членки и треба мудро да го искористиме овој моментум и предностите кои ги има земјава.