Во Тетово во 2022 година од 365 денови 108 биле со загаден воздух

од Stefanija Kuzmanovska
168 прегледи

Месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух за Тетово покажуват дека во 2022 година имало 108 денови со загаден воздух, односно, надминување на дозволената гранична вредност ПМ10 честички од 50 микрограми на кубен метар. Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

Најмногу, или 24 дена, имало во декември 2022, додека, во ноември и јануари 2022 по 21 ден, а февруари со 20 денови. Според извештаите, се бележи дека во текот на минатата година зимските месеци претежно биле денови со загаден воздух, додека, пролетта и летото имало и повеќе месеци со ниту еден ден со аерозагадување. Така во мај, јуни, јули и септември немало надминување на прагот ПМ10 честички од 50 микрограми на кубен метар. Во август имало еден ден кога воздухот бил загаден, додека во октомври два дена, но и девет дена кога немало мерење на воздухот.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, д-р Ратко Давидовски вели дека состојбите се повторуваат секоја година и дека во зима и понатаму ќе имаме загадени денови сѐ додека нема радикална промена во начинот на греење.

– Ние нема што да измислуваме, треба да се искористат искуствата во западноевропските земји каде со гасификацијата е решено и надминато загадувањето на воздухот во зима. Решение за Тетово е гасификација. Само гасификација затоа што 70 до 80 проценти се затоплуваат домовите со фосилни горива, па со оваа економска криза се што е комунален отпад дома ќе се спалува во ќумбињата. Во 2015 година имавме еден проект каде од Институт за јавно здравје од Финска ни беше презентирана слика од база на податоци од 1962 година кога е воведена гасификација како градот е во целосен чад и како го нема подоцна со употреба на гасот за затоплување, изјави д-р Давидовски.

Деновиве во Тетово има и густа магла што претставува дополнителна опасност за луѓето поради присуство на ПМ10 честички.

– Маглатата делува како капак од горе врз Тетово и така уште повеќе се потенцира аерозагадувањето. Едноставно, маглата не дава да има движење на воздухот, нема ветер, нема проветрување, ПМ10 едноставно се лепат и сите органи се под опасност. Долготрајното соочување со загаден воздух носи тешки последици по здравјето, објасува д-р Давидовски.

Во 2021 година месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух за Тетово покажаа дека има имало 132 денови со загаден воздух, односно надминување на дозволената гранична вредност на ПМ10 честички од 50 микрограми на кубен метар. Во 2020 година од 366 денови 138 биле со загаден воздух во Тетово. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година, со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10 честички.

Слични содржини