Курти: Загрижени сме за врските меѓу Србија и Русија, ни требаат дополнителни трупи на НАТО

од Vladimir Zorba
140 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека побарал зголемување на бројот на силите на НАТО во Косово, поради зајакнувањето на соработката меѓу Србија и Русија.

„Загрижени сме за врските меѓу Србија и Русија, затоа ни требаат повеќе војници. Соработката меѓу нив се зголеми по почетокот на војната во Украина и затоа ни требаат дополнителни трупи на НАТО во Косово“, рече тој во интервју за „Ал Џезира“.

Курти на 1 јануари го повика НАТО да го зголеми бројот на мировници во Косово.

Меѓутоа, на 5 јануари, НАТО соопшти дека не добило никакво официјално барање од Косово за зголемување на бројот на војници во мисијата на КФОР и дека тие во моментов се „доволно присутни на Косово“.

На прашањето за размена на територии меѓу Косово и Србија, Курти рече дека политичкиот проект на таа тема пропаднал, но идејата не е мртва.

„Многу сум сигурен дека претседателот на Србија (Александар Вучиќ) е носталгичен за тие времиња, што значи дека политичкиот проект за размена на територии пропадна, но идејата не е мртва. Но, носталгијата не е чувство со кое можеме да одиме напред. Размена на територии нема да се случи, размената на територии е формула за војна“, рече тој.

Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи и српскиот Александар Вучиќ пред неколку години разговараа за размена на територии, но оваа идеја предизвика бројни дискусии, како на Косово, така и на меѓународната сцена.

Курти зборуваше и за дијалог со локалните Срби и некои граѓански организации. Тој рече дека продолжува да се среќава со нив и дека „нема премиер на Косово што се сретнал повеќе со локалните Срби“ од него.

Курти во предизборната кампања во 2019 година најави дијалог со Србите на Косово, оценувајќи дека таков дијалог е поважен од оној што Косово го води со Србија, со цел нормализирање на односите.

Слични содржини