Пластичниот прибор за јадење и чиниите за еднократна употреба ќе бидат забранети во Англија како дел од напорите за борба против климатските промени, јавуваат локалните медиуми.
Ваквата одлука е донесена по консултацијата за оваа тема, водена од Секторот за животна средина, храна и рурални прашања (Дефра) што се одржа од ноември 2021 година до февруари 2022 година, јавува Anadolu Agency.
Не е јасно кога забраната ќе стапи на сила, но таа следи по слични потези кои веќе ги направија Шкотска и Велс.
Секретарот за животна средина Тереза Кофи рече дека овој потег ќе помогне да се заштити животната средина за идните генерации.
Владините бројки покажуваат дека секоја година во Англија се користат 1,1 милијарди чинии за еднократна употреба и повеќе од четири милијарди парчиња пластичен прибор за јадење, пренесува Би-Би-Си.
Пластичниот отпад често не се распаѓа и може да остане на депониите со години.
Иако може да биде корисен во однос на хигиената на храната, може да заврши и како ѓубре, загадувајќи ја почвата и водата.