Додека во Европската Унија ГМО во производството на добиточна храна е дозволен, Полска е првата земја која има намера да ја прекине оваа практика на живинарските фарми. Најголемите живинарски компании се против ваквата одлука и сметаат дека тоа ќе предизвика колапс на фармите, пишува Агротим.
Оваа промена треба да стапи во сила од јануари следната година, но производителите на месо се противат на намератаи сметаат дека таквата транзиција ќе доведе до зголемување на трошоците, поради што многу компании би можеле да го прекинат производството.
Инаку, уште пред пет години на европскиот пазар беа регистрирани повеќе од 50 ГМО производи кои можат да се користат во добиточна храна. Во јули минатата година Европската комисија одобри употреба на генетски модифицирана пченка за храна и добиточна храна, која ќе важи десет години.
Полските производители сега предупредуваат на огромните загуби што може да ги предизвика ваквата одлука, пренесува порталот „All About Feed“, потсетувајќи дека полската влада во ноември минатата година усвои измени на Законот за храна за животни, според кои производството, маркетингот и употребата на добиточна храна која содржи ГМО ќе се забрани и тоа без преоден период.