Според World Happiness Report, најсреќна земја во светот, петта година по ред е Финска, каде искреноста е на завидно ниво.
За минатогодишниот извештај, од луѓето во 156 земји беше побарано да го оценат својот сегашен живот на скала од нула до десет. Во предвид беа земени и факторите кои придонесуваат за социјалната поддршка, очекуваниот животен век, дарежливоста и отсуството на корупција.
„За да се одржи висок квалитет на живот, постојат три работи што Финците никогаш не ги прават“, изјави за CNBC финскиот филозоф и психолог Френк Мартела од Универзитетот во Алто, кој ги проучува основите на среќата.
Тие не се споредуваат себеси со другите
Позната е реченицата на еден фински поет, која грубо преведена значи, „не се споредувај со другите и не се фали со својата среќа“. Финците се држат до тоа, особено кога се работи за материјални работи и отворено прикажување на богатството.
„Фокусирајте се на она што ве прави среќни, а помалку на тоа да изгледате успешно. Првиот чекор до вистинска среќа е поставување на сопствени стандарди, наместо да се споредувате со другите“, вели Мартела.
Тие не ја занемаруваат благосостојбата на природата
Според истражувањето од 2021 година, 87 отсто од Финците веруваат дека природата им е исклучително важна бидејќи им обезбедува мир на умот, енергија и релаксација. Во Финска, вработените имаат право на четиринеделен летен одмор. Многу Финци потоа одат на село и живеат во природа, со што е можно помалку удобности, дури и до тој степен што немаат ниту струја ниту вода.
Финските градови се полни со паркови, па луѓето имаат пристап до природата блиску до местото каде што живеат. Поминувањето време во природа ја зголемува виталноста и благосостојбата.
„Најдете начин да внесете зеленило во вашиот живот, дури и ако тоа се само растенија во саксии“, вели Мартела.
Тие не го нарушуваат кругот на довербата на заедницата
Истражувањата покажуваат дека колку е повисоко нивото на доверба во една земја, толку посреќни се нејзините граѓани. Експериментот „Изгубен паричник“ во 2022 година ја тестираше чесноста на граѓаните со фрлање 192 паричници во 16 светски градови.
Во Хелсинки од 12 паричници, 11 им се вратени на сопствениците.
„Финците си веруваат едни на други и ја ценат искреноста. Децата често се возат сами со јавен превоз и си играат надвор без надзор“.
Во однос на „совет за среќа“, додава дека треба да се размисли како можете да создадете поголема доверба во вашата заедница и да ги поддржите методите за градење доверба.
„Малите работи, како држење врата за странец или отстапување на вашето место во јавниот превоз, веќе прават разлика“, вели психологот Мартела.