Нова странска инвестиција во 2023, во првата фаза 600 нови работни места

од Nikola Popovski
227 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја најави првата голема странска инвестиција која ќе се отвори во Технолошки-индустриската развојна зона во Штип. Станува збор за втора инвестиција на канадската компанија Magna International Inc. која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот. Компанијата веќе има една инвестиција во ТИРЗ Струга, за производство и склопување на ретровизори и други технолошки продукти за автомобилската индустрија. Во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производство се планира да биде годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година. Премиерот Ковачевски истакна дека со политиките што ги креира Владата, се создава подрачје за безбедно инвестирање, а со тоа се создаваат услови за нови и добро платени работни места.

„Нема поголем влог во државата од тоа младиот кадар своето знаење и труд да го инвестира во сопствената земја и да биде движечка сила за напредок на државата, таа можност им ја должиме на младите генерации и по секоја цена ќе ја оствариме. Нашите граѓани заслужуваат европски услови за работа и европски плати. Остануваме фокусирани на приоритетите, на квалитетниот живот на граѓани и растот на економијата. Граѓаните и бизнис секторот се уверија и што е најважно ја почувствуваа помошта и поддршката од сеопфатниот пакет мерки за справување со енергетска криза, оваа година ќе биде подобра, но ќе продолжиме да се грижиме за сите. Владата мисли на своите граѓани и како и досега, така и во иднина, никого нема да остави да се справува сам во време полно со предизвици“, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија може уште повеќе да напредува и да се развива, а таква можност препознаваат многу странски етаблирани компании на светско ниво и одлучуваат да инвестираат во државата. „Технолошки-индустриските развојни зони, 2022 година ја завршија со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции, а во октомври лани се надмина и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година“, истакна премиерот.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ истакна дека 2022 е најуспешната година досега и веќе ја започнуваме годинава со нова странска инвестиција.

„Магна мехатроникс станува дел од семејството на ТИРЗ. Годинава ја започнуваме со нова инвестиција од 40 милиони евра која во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Она што е важно е дека минатата година извозот на компаниите во Зоните, достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра односно 25% над највисоката точка која ја достигнавме во 2021. Годинава ја завршуваме и со нето ефект на извозот и увозот од над 10%. Тоа се пари кои се останати во домашната економија. Првичните пресметки велат дека 40% од овие средства се останати и во буџетот и во џебот на над 16.300 наши сограѓани кои работат во овие компании. Само во 2022 имаме над 2.300 нови работни места.

Она што е исто така важно е дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4. Имаме и зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет и зголемена додадена вредност. Очекувам дека и годинава ќе продолжи забрзан раст на работни места и нови инвестиции“, изјави директорот Деспотовски.

Слични содржини