Русија истрела проектили врз инфраструктурата на главниот град на Украина, Киев и регионите Харков и Запорожје во саботата наутро, на 14 јануари.
Властите неколку часа подоцна објавија дека воздушната закана во главниот град на Украина поминала.
Заменик-началникот на кабинетот на претседателот на Украина, Кирило Тимошенко, го објави ракетниот напад врз критичната инфраструктура во главниот град во саботата рано наутро преку апликацијата „Телеграм“.
Експлозии одекнаа во областа Днипро во главниот град на Украина, објави градоначалникот Виталиј Кличко.
Во посебна објава на „Телеграм“, Кличко рече дека фрагменти од проектил паднале врз нестанбена област во областа Холосијевски, на десниот брег, и додаде дека нема извештаи за жртви.
Како што пренесува Ројтерс, во градот се слушнале серија експлозии пред да се огласи сирената за воздушен напад во Киев.
Не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од удари или од дејство на системот за противвоздушна одбрана.
Во североисточниот регион на Харков, „непријателот изврши уште еден ракетен напад врз критичната инфраструктура и индустриските капацитети“, рече гувернерот Олег Синегубов.
Синегубов предупреди дека може да има итни прекини на струја во и околу градот Харков, вториот по големина во Украина.
Напади беа пријавени и во јужниот регион Запорожје.