Извор кој бил близок до рускиот претседател тврди дека Владимир Путин ќе го номинира својот наследник оваа година, наместо да ризикува „насилен“ пад. Популарноста на рускиот претседател е на историски најниско ниво поради воените неуспеси во војната во Украина.
Според неговиот поранешен сојузник, Путин ќе сака да му ја предаде власта на избраниот наследник и да се повлече во својата палата во близина на Црното Море, а со тоа да избегне државен удар против него, сличен на она што се случи со Гадафи и другите диктатори, пренесува британски „Дејли Мејл“.
Изворот понатаму тврди дека Путин ќе се обиде да ја отстапи власта, да преговара за крај на војната во Украина и исто така да не биде дел од изборите планирани за 2024 година.
Изворот додава дека Путин најверојатно ќе именува еден од неговите лојалисти за свој наследник, како што се градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, премиерот Михаил Мишустин или неговиот заменик шеф на кабинетот Димитриј Кузак.
Путин е „изнервиран“ и од подемот на Евгениј Пригожин, шеф на платеничката група „Вагнер“. Од почетокот на војната, Пригожин се бори за поголема моќ и ресурси, што ја покажува неговата желба да го остави Путин настрана.
Изворот вели дека целиот апарат на Путин гледа во Пригожин. Тој додал дека Путин можеби нема да биде реизбран ако повторно се кандидира. Тој би се обидел да ги лажира резултатите, но тоа е преголем ризик за целиот систем.
На почетокот на овој месец, британските воени експерти процениле дека Путин би можел да доживее револуција во следните два месеци, доколку не успее да ја промени ситуацијата во Украина на подобро.
Путин е прилично загрижен за влијанието на бројот на жртви на градови како Москва и Санкт Петербург и затоа фокусот сега е на регрутирање од некои периферни области како Сибир. Има извештаи и за демонстрации кои се одржуваат во тие периферни области. Тие не добиваат големо внимание бидејќи медиумите во Русија не ги покриваат.