Во Мексико стапи на сила еден од најстрогите закони за заштита од пушењето, кој целосно ги забранува цигарите на јавни места, јавува Би-би-си.
Законот, кој беше одобрен за прв пат во 2021 година, вклучува и целосна забрана за рекламирање на тутунски производи.
Неколку други земји од Латинска Америка воведоа закон за воспоставување зони во кои е забрането пушење.
Сепак, прописите во Мексико се сметаат за најстроги во Северна и Јужна Америка.
Законот од 2008 година предвидуваше формирање зони за забрането пушење во ресторани, барови и работни места, додека забраната сега се протега на сите јавни места, што значи паркови, плажи, хотели, канцеларии и ресторани.
Исто така, се воведува целосна забрана за рекламирање на тутунски производи, како и секаков вид на промоција и спонзорство, што значи дека цигарите не смеат да се истакнуваат ниту внатре во продавниците.
И таканаречените електронски цигари подлежат на строги ограничувања, особено во затворени простории.
Панамериканската здравствена организација го поздрави потегот и ја пофали мексиканската влада за спроведување на забраната.