Министерството за надворешни работи реагирало до официјална Софија поради вчерашните недолични и провокациски изјави на собирот по повод одбележувањето на 95-годишнината од смртта на револуционерката Мара Бунева.
-МНР со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р. Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави. Министерството, по дипломатски пат соодветно реагира до официјална Софија, во кое побара оградување од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји, се вели во реакцијата на македонската дипломатија.
По панихидата во црквата Св. Димитрија, дел од Бугарите од Македонија, но и пристигнатите бугарски државјани се упатија кон кејот на Вардар на спомен-плочата на Бунева. Таму бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски со мегафон се обрати пред стотина поддржувачи.
Tој ги нарече „србомани“ актуелните политичари во земјава и ги обвини за геноцид врз Бугарите.
-Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море. Да живее бугарска Македонија. Да живее Бугарија, рече меѓу другото Џамбаски.