Селекторот Кирил Лазаров беше многу конкретен пред новинарите по раната елиминација на Македонија од 28. Светско првенство во ракомет.
Македонија ќе биде единствената европска репрезентација на „Президент купот“, во кој ќе учествуваат селекции елиминирани во првата групна фаза.
– Треба да бидеме среќни што ќе имаме можност да се надоградуваме и на следното Европско првенство. Со прст на чело мора повеќе да работиме во клубовите, за да се појават нови играчи и нова селекција. Да се изберат најдобрите, оние кои можат да се справат со притисокот, турнирскиот систем. Знам како им е на играчите – самото излегување на теренот, пред 2.000 луѓе на трибините кои викаат „сакаме да победа“, е притисок сам по себе.
– Во Президент купот сакаме да ја почувствуваме сладоста на победата, да добиеме некој играч и да се одржуваме, да не паднеме во депресија. Ќе играме против послаби противници и ќе видиме до каде сме. Треба да ги искористиме тие натпревари и да видиме кој од нашите играчи може да излезе во пресрет на ваквите натпревари – рече Лазаров.
Македонија ќе игра во група со Алжир, Мароко и Тунис, а првиот меч го игра в четврток од 15:30 часот против Алжир.
Македонија третпат во историјата испадна во првата етапа на Мундијалите, но за првпат остана без победа.